Довчерашниот помошен тренер во ТФТ, Методија Бешлиовски ќе ја продолжи својата кариера во грчкиот Ираклис откако потпиша двегодишен договор со овој клуб.
Станува збор за еден од најперспективните македонски стручњаци имајќи предвид дека има неполни 28 години, а ќе му биде асистент на Петар Алексиќ кој неодамна го презеде кормилото на клубот од Солун. Договорот со Ираклис доаѓа во период кога Бешлиовски паралелно работи со две македонски младински репрезентации. Асистент му е на Боро Смилковски во машката У20 селекција која ќе настапи на Европското првенство во Полска и на Горан Крстевски во женската У18 селекција која ќе игра на Европското првенство Б-дивизија во Романија.

За Бешлиовски ова нема да биде прво интернационално искуство како тренер бидејќи претходно работеше во Унгарија, а покрај тоа, беше асистент во ТФТ и еден од тренерите во школата на Вардар. Како играч, беше член на младинските репрезентации на Македонија и играше во Вардар, Фени Индустри, Карпош Соколи, Куманово, Академија ФМП и Кожув. Во ТФТ беа исклучително задоволни од работата на Бешлиовски минатата сезона, а клубот сега е во потрага по нов стручњак кој ќе го замени во стручниот штаб.
Што се однесува до Ираклис, тоа е клуб со богата историја, освојувач на две шампионски титули во грчкото првенство, но во моментов е второлигаш и главна амбиција претстојната сезона ќе биде да се врати во елитната конкуренција. Дел од овој клуб во минатото биле играчи како Славниќ, Здовц, Дијамантидис, Скорцинјанитис, Пападопулос, Какиузис, Хаѕивретас, Карашев итн.


