По вчерашниот блескав настап против Словенија, репрезентацијата на Хрватска денеска доживеа шокантен пораз од Нов Зеланд со 86-90, но и покрај тоа си го обезбеди своето место во полуфиналето од квалификацискиот турнир за Олимписките игри што се игра во Пиреја.
Кобна за „коцкестите“ беше последната четвртина во која постигнаа само седум поени, па од сигурно водство, дојдоа до пораз кој им ги комплицира шансите за место на Олимпијадата во Париз. Најпријатното изненадување од вчерашниот натпревар Горан Филиповиќ денеска остана без поен за 25 минути игра, а потфрли и Хезоња кој постигна 16 поени, но со шут од игра 6/22, вклучувајќи 0/9 за тројка. На Хрватска не ѝ беше доволен ни одличниот настап на Ивица Зубац кој постигна 29 поени и 16 скока за индекс 43.
Во репрезентацијата на Нов Зеланд најдобар беше Кори Вебстер со 21 поен, додека Ши Или додаде 18.
За конечниот пласман во оваа група сега ќе решава натпреварот меѓу Нов Зеланд и Словенија кој се игра утре. Словенците можат да испаднат ако загубат или победат до 10 поени разлика, триумф со +11 ги носи на второто место, а за првата позиција им е потребна победа од над 28 поени.


