На крилјата на Лука Дончиќ, репрезентацијата на Словенија го победи Нов Зеланд со 104-78 и обезбеди пласман во полуфиналето од олимпискиот квалификациски турнир што се одржува во Пиреја.
Европскиот шампион од 2017 година ќе влезе во полуфиналето како второпласиран во својата група, а малку недостасуваше да го освои и првото место за што му беше потребна победа од 29 поени разлика. На крајот Словенците останаа покуси за три поени, па во следната фаза ќе се сретнат со домаќинот Грција, дуел што многумина го нарекуваат финале пред финалето на овој турнир.
Прва ѕвезда на натпреварот беше Дончиќ кој и на вториот натпревар во Пиреја оствари трипл дабл, сега со 36 поени, 11 скока и 10 асистенции. Џош Нибо оствари дабл дабл со 20 поени и 12 скока, а се истакна и Препелиќ со 14 поени, 8 асистенции и 6 скока. Кај Нов Зеланд се истакна Ши Или со 28 поени 10 скока.
Втората полуфинална двојка на турнирот во Пиреја ја сочинуваат Хрватска и Доминиканска Република.


