Младинскиот репрезентативец на Македонија, Метин Саити нема да настапи на Еуробаскетот во Полска кој почнува идниот петок, поради повреда доживеана минатата недела, на еден од двата пријателски меча против Словачка во Скопје.
Кошаркарот на Работнички го оштетил предниот вкрстен лигамент на десното колено и на 22 јули ќе му биде извршена операција. Ако се мине во најдобар ред, би требало да се врати на терените за неколку месеци.
„Едноставно немав среќа, долгата и напорна сезона си го зеде данокот и жал ми е што нема да бидам во можност да играм на претстојното младинско Европско првенство. Нема враќање назад, ќе го издржам и ова и ќе се вратам посилен од кога било порано“, изјави крилниот центар.
Саити долги години е член на македонските младински селекции и еден од најдобрите играчи од генерацијата 2004. Последната сезона беше првотимец на Работнички, а во моментов има понуди за апродолжување на кариерата од македонски и косовски прволигаши.


