Кошаркарскиот клуб Партизан и најпознатиот српски менаџер Мишко Ражнатовиќ неодамна ги закопаа воените секири и во таа чест денеска договорија трансфер на искусен играч меѓу „црно-белите“.
Војната меѓу Ражнатовиќ и Партизан почна минатото лето кога белградскиот клуб остана без Јам Мадар, а раководството за тоа го обвини менаџерот затоа што, како што рекоа тогаш, ги измамил и го натерал израелскиот кошаркар да си замине. Во знак на револт тогаш од Партизан објавија дека повеќе нема да ангажираат играчи кои ги застапува Ражнатовиќ, но лутината им траеше само една година.
Менаџерот денеска на својот профил на Твитер објави знаме на Уганда, а српските медиуми во тоа препознаа договор меѓу Партизан и репрезентативецот на оваа африканска држава Брендон Дејвис. Тој е 33-годишен американски центар со пасош на Уганда кој во својата кариера играше за НБА екипите Филаделфија и Бруклин, но славата ја стекна во Европа, преку Шалон, Варезе, Монако, Жалгирис, Барселона, Олимпија Милано и Валенсија.
Дејвис е четврто засилување за Партизан ова лето, по Вања Маринковиќ, Ифе Лундберг и Франк Нтиликина.


