По Србинот, Михаило Јовичиќ и Американецот, Весли Персон, 15-кратниот шампион на Македонија, Работнички го договори и третото засилување за новата сезона.
Станува збор за 25-годишниот крилен играч од БиХ, Његош Сикираш, висок 203 сантиметри кој во Скопје доаѓа од Рогашка за која настапувал минатата сезона. Претходно играл во Италија и Шпанија, но главно во второлигашки клубови, а најпознат тим чиј член бил е Фуенлабрада со која учествувал и во АЦБ лигата.
Својот најголем успех во кариерата, Сикираш го има со кадетската репрезентација на БиХ која во 2015 година стана европскиот шампион на првенството во Литванија. Прва ѕвезда од таа генерација е Џанан Муса кој сега игра во Реал, но голем придонес во освојувањето на титулата имал и Сикираш кој во просек постигнувал по 14,2 поена и 6,9 скока.


