Иако за многумина најквалитетен беше кошаркарскиот турнир во Барселона во 1992 година, поради појавата на американскиот дрим-тим, годинава во Париз (и Лил), љубителите на кошарката ќе имаат можност да ги видат речиси сите најдобри кошаркари во светот.
На Олимпијадата ќе играат 12 од вкупно 15 играчи кои беа избрани во најдобрите три петорки во НБА лигата последната сезона. Такво нешто не е видено од Атланта 1996 година кога исто така учествуваа 12 кошаркари.
Од најдобрата петорка, во Франција ќе бидат Јанис Адетокунбо, Шеј Гилџес-Александер, Никола Јокиќ и Џејсон Тејтум, од втората Ентони Дејвис, Кевин Дурант, Ентони Едвардс и Кавај Ленард, а од третата Девин Букер, Стеф Кари, Тајрис Халибартон и Леброн Џејмс. Од најдобрите 15, ќе недостасуваат само Лука Дончиќ (од првата), Џејлен Брансон (од втората) и Домантас Сабонис (од третата постава). Брансон не влезе меѓу избраните 12 во американската репрезентација, додека Дончиќ и Сабонис со Словенија и Литванија не успеаја преку квалификациите да изборат пласман на Олимписките игри.
Покрај сето ова, на Олимписките игри ќе настапат актуелниот МВП на лигата, Никола Јокиќ, најдобриот одбранбен играч Руди Гобер и и најдобриот дебитант Виктор Вембанјама. Јокиќ ќе биде само четврти МВП на сезоната во НБА кој ќе настапи на Игрите, по Леброн Џејмс во 2012, Коби Брајант во 2008 и Мајкл Џордан во 1992 година, но мора да се знае дека американските НБА играчи од 1992 година учествуваат на оваа манифестација.
За споредба, таа 1992 година кога дебитираше култниот дрим-тим, на Олимписките игри имаше „само“ девет члена на првиот и вториот најдобар тим, сите од САД. Тројцата кои не се најдоа таму беа Лери Бирд кој ја одигра последната сезона во кариерата, Меџик Џонсон кој практично веќе беше пензиониран, но подоцна се врати на терените и Кристијан Лејтнер кој таа година беше драфтуван.
На Игрите во Париз, првпат ќе има претставници на најдобрите три екипи од НБА во дури четири репрезентации (Грција, Канада, Србија и САД), за разлика од 1996 година кога сите 12 беа од американската селекција.
Титулата во Париз ќе ја бранат САД кои ги освоија златните медали на последните четири Олимписки игри, во Пекинг, Лондон, Рио де Жанеиро и Токио.


