Повремениот шпански репрезентативец Хуан Нуњес ќе биде второто засилување за Барселона во пресрет на новата сезона, тврди тамошниот спортски весник Марка.
Такво нешто беше најавено уште минатиот месец, но наводно, договорот е постигнат последните денови со тоа што Барса ќе мора добро да плати за да го добие 20-годишниот кошаркар во своите редови. Со оглед на тоа што Нуњес е поранешен играч на Реал, мадридскиот клуб ќе добие отштета од 400 илјади евра, а платата на плејмејкерот ќе изнесува 1,5 милион евра годишно. Договорот е постигнат на повеќе сезони со тоа што Нуњес има опција на крајот од секоја година да се пресели во НБА ако има понуда.
Нуњес е еден од најдобрите млади плејмејкери во Шпанија и производ на кошаркарската школа на Реал за кого играше на почетокот од својата професионална кариера, во сезоната 2021/22. Сепак, големата конкуренција на неговата позиција си го направи своето, не можеше да се избори за место покрај фантастични играчи какви што ќе има и претстојната сезона (Факундо Кампацо, Серхио Љуљ, Андрес Фелис…), па Реал не ја искористи опцијата да го врати во своите редови. Последните две години Нуњес ги помина во германскиот прволигаш Улм каде што созреа и докажа дека е подготвен за елитна кошарка.
За квалитетите на Нуњес, најдобар доказ се трофеите во младинска конкуренција (злато на кадетското Европско првенство во 2019 и злато на младинското Европско првенство во 2022 каде беше прогласен и за МВП), а има и титули во шпанскиот и германскиот шампионат со Реал и Улм. Пред две недели беше избран како 36. пик на НБА драфтот од Сан Антонио Спарс, но не му беше понуден договор за претстојната сезона.


