Репрезентацијата на САД славеше и во втората контрола во пресрет на Олимписките игри откако вечерва ја совлада Австралија на турнирот во Абу Даби со 98-92.
Конечниот резултат не е реален одраз на она што се случуваше на теренот бидејќи Американците повеќе од 30 минути го газеа ривалот и беа на прагот на убедлива победа. Кон средината на последната четвртина дојде до големо опуштање кај нив, па ривалот го искористи тоа за да дојде до пристоен пораз и да ја крене самодовербата пред почетокот на Олимписките игри.
Највисоката предност на САД изнесуваше 24 разлика (65-41) и беше достигната во третата четвртина, на средина од последниот квартал беше +18 (83-65), а потоа почна притисокот на австралиските кошаркари. Со серија од 10-0 се доближија на само шест поени негатива (80-86) за во финишот да се доближат и на само четири разлика (92-96). Сепак, избраниците на Стив Кер не дозволија пресврт и дојдоа до првата победа на турннрот.
Ентони Дејвис со 17 поени и 14 скока беше најдобар во американската репрезентација, Букер додаде 16 поени, а Едвардс 14. Кај Австралијците, Џок Лендејл броеше до 20 поени, плус 7 скока и 6 асистенции.
Утре и задутре, Австралија и САД ќе се сретнат со Србија во Абу Даби, натпревари кои ќе треба да бидат силни подготовки за сите три репрезентации.


