Кошаркарските федерации на Србија и Грција се наоѓаат во интензивни преговори за пријателски натпревар на двете репрезентации во пресрет на Олимписките игри во Париз.
Според првичните планови, генералната проба пред патот за Париз, Србија требаше да ја има против Јапонија на 21 јули, а Грција утре против Порторико. Сепак, федерациите се обидуваат да договорат уште еден меч кој ќе биде мега-спектакл и со кој ќе се крене атмосферата пред Олимписките игри.
Натпреварот би се играл во белградската Арена, но терминот за неговото одржување уште не е договорен. Последен пат, Србија и Грција играа во август 2022 година, исто така во Арена, во рамките на квалификациите за Светското првенство што се одржа лани на Далечниот исток.
Ако двете страни успеат да се договорат, тоа ќе биде уште една мега-пресметка меѓу Никола Јокиќ и Јанис Адетокунбо, освојувачи на пет МВП признанија во НБА лигата во последните шест сезони.


