Репрезентативецот на Јужен Судан, Карлик Џонс е еден од најпопуларните светски кошаркари последните денови откако во саботата оствари трипл дабл на пријателскиот натпревар против САД.
Еуфоријата кај него и љубителите на кошарката е огромна, но тоа не важи за сите кои се поврзани со Партизан, а особено за раководството на белградскиот клуб. Како последица на одличниот настап, нагло порасна интересот за искусниот плејмејкер кој сега има можност да заигра и во НБА лигата откако не успеа да се наметне во двете сезони поминати во Далас, Денвер и Чикаго.
Ако Џонс добие понуда од НБА и ја прифати, Партизан ќе остане без планираното големо засилување, а со тоа ќе му се повтори случајот од лани кога сите напори ги вложи на ангажман на Никола Миротиќ за потоа преговорите да пропаднат, а Црногорецот со шпански пасош да се пресели во Олимпија Милано. Тоа доведе до колапс на Партизан кој во сезоната која е зад нас беше во тотален хаос и не успеа да освои ниеден трофеј.
Добро за Партизан во случајот со Џонс е тоа што целата работа, вклучувајќи го и евентуалниот потпис со НБА тим мора да се заврши до четврток. „Црно-белите“ имаат договор со репрезентативецот на Јужен Судан, но тоа нема ништо да важи ако тој одлучи да се пресели во НБА.


