Полскиот репрезентативец Матеуш Понитка е еден од плејадата кошаркари кои летово го напуштија Партизан иако уште не го соопштил клубот каде ќе ја продолжи кариерата.
Во интервју за српскиот портал Моцартспорт, тој се осврна на годината помината во белградскиот клуб и на она што го помина со тренерот Жељко Обрадовиќ. Токму на деветкратниот европски шампион му замерува на неговиот начин на работа.
„Тој бара перфекционизам, а тоа е тешко да се изведе, особено со играчи кои имаат модерен менталитет. Oна што го сака Жељко повеќе не постои во модерната кошарка. Тој навистина сака да играме кошарка на вистински начин, тимски, перфектно, но некои работи тешко поминуваат. Можеби полесно би било пред 15-20 години, но во ова време е тешко да се бара перфекција, а тој е перфекционист и се му е во деталите“, смета Понитка.
Во трите сезони како тренер на Партизан, Обрадовиќ освои само еден трофеј и тоа лани, во АБА лигата.


