Репрезентацијата на САД останува најголем фаворит за титулата на Олимписките игри во Париз, но не може да се оттргне од фактот дека сериозно осцилираше за време на подготвителните натпревари.
Одигра пет и ги доби сите, но не така убедливо како што се очекуваше. Јужен Судан го победи со еден, Германија со четири, а Австралија со шест разлика што за тим составен од такви мега-ѕвезди не е според очекувањата. На последните два меча, против Јужен Судан и Германија триумфираше само поради генијалноста и шампионскиот менталитет Леброн Џејмс кој на 39 години е лидер на оваа генерација.
Најинтересно е тоа што својот најдобар натпревар за време на подготовките, САД го одиграа против селекцијата која треба да им биде најсериозен ривал за златото – Србија и со која не е исклучено да се сретнат во финалето. На тој меч, Американците беа и најефикасни, постигнаа 105 поени и победија со 26 разлика, но фер е да се каже дека српската селекција не беше комплетна бидејќи недостасуваа капитенот Богдан Богдановиќ и центарот Никола Милутинов. Од друга страна, сите подготвителни натпревари, САД ги одиграа без Кевин Дурант.
Дали е толкава разликата во квалитетот ќе може да се види веќе в недела кога САД и Србија повторно ќе се сретнат, овојпат во првото коло од кошаркарскиот турнир на Олимписките игри.


