Бугарскиот репрезентативец Алексанадар Везенков попладнево и официјално ќе биде претставен како нов играч на Олимпијакос со што ќе го потврди своето враќање во клубот, една година откако замина во НБА.
Клубот од Пиреја уште синоќа го најави ваквото сценарио имајќи предвид дека изминаа 48 часа во кои екипите од НБА имаа можност да го донесат во своите редови. Бидејќи никој не се пријави, за Олимпијакос беше отворен патот да го врати поранешниот МВП на Евролигата.
Според информациите во грчките медиуми, тој потпишал петгодишен договор за вкупна нето сума од 18,5 милиони евра со што ќе биде еден од најплатените европски кошаркари. Претходно беше член на Олимпијакос од 2018 до 2023 година и во тој период освои две двојни круни во грчката кошарка, два пати играше на Ф4 во Евролигата и еднаш беше прогласен за МВП на сезоната.
Лани одлучи да замине во НБА и тоа во Сакраменто Кингс, но таму не се снајде најдобро, просечно постигнуваше по 5,4 поени и 2,3 скока, неодамна беше трејдуван во Торонто, но канадскиот тим одлучи веднаш да го прекине договорот со него.
Официјалната презентација на Везенков во тимот на Олимпијакос ќе се одржи денеска во 14 часот.


