Кошаркарскиот турнир ќе биде еден од најатрактивните и најквалитетни на Олимписките игри во Париз што и не е изненадување ако се има предвид листата на учесници во него.
Првпат во историјата, сите 12 репрезентации ќе имаат барем по еден НБА кошаркар, а вкупниот број играчи кои настапуваат во најсилната светска лига ќе изнесува 51 или 35,4%. Тоа е рекорд откако во 1992 година им беше дозволено на професионалците од НБА да играат на Олимписките игри. Интересно, таа 1992 година во Барселона, Американците имаа 11 НБА играчи (Кристијан Лејтнер беше тукушто драфтуван, но уште не дебитираше), а од останатите репрезентации имаше уште вкупно девет кошаркари.
Во Париз, покрај САД кои се со 12 НБА играчи, најмногу има Канада – 10, а Австралија има 8. Франција пријави петмина, Германија и Србија и по четворица, Бразил и Јапонија по двајца, а Грција, Јужен Судан и Порторико по еден.
За квалитетот на кошаркарскиот турнир во Париз, потврда е и тоа што ќе играат шетмина освојувачи на МВП признанието во НБА кои заедно освоиле 13 такви награди, а 12 кошаркари имаат барем по една шампионска титула.


