Американската репрезентација со убедлива победа го почна својот настап на Олимписките игри откако го совлада својот голем ривал Србија со 110-84.
Дуелот на овие две селекции беше најавен како големо дерби поради квалитетот кој го поседуваат двете селекции, но не донесе никаква драматика, особено во вториот дел. Победата на Американската репрезентација во ниеден момент не беше доведена во прашање, а таа беше изразена со идентична разлика како на пријателскиот меч одигра пред две недели (26) со тоа што Србите тогаш го правдаа својот пораз со неиграњето на Богдановиќ и Милутинов кои сега беа во тимот.
Првите 20 минути беа доста израмнети без разлика што имаше моменти кога двете репрезентации создаваа повисоко водство. Србија отвори со 10-2, подоцна имаше и 12-5 за во вториот период САД да отидат на +11 (38-27). На помалку од половина минута пред крајот на полувреме Србија беше на само четири поени негатива (49-53), но брзи пет поени на Американците придонесоа на голем одмор да се замине со 58-49.
Со завршувањето на првото полувреме заврши и отпорот на српската репрезентација која во теетиот период ја почувствува силата на Американците. Разликата брзо отиде на 15 поени, а по 30 минути игра беше +19 за САД (84-65), па последните десет минути останаа само формалност и можност за четата на Стив Кер да ја надмине границата од 100 поени.
Кошаркарот на Феникс, Кевин Дурант беше најефикасен во американската репрезентација со 23 поени од кои 21 постигна во првото полувреме и тоа без промашување. Леброн Џејмс беше одличен, реализира 21 поен со 9 асистенции и 7 скока. Кај Србија, Никола Јокиќ беше прво име со 20 поени, плус 8 асистенции и 5 скока. Американците имаа одличен шут од далечина, постигнаа 18 тројки од 32 шута од кои 12 погодени имаа во првото полувреме.


