Без Никола Јокиќ, Србија лани го освои среброто на Светското првенство, но првиот натпревар од Олимписките игри против САД покажа колку во моментов „орлите“ се зависни од најкорисниот играч во НБА за последната сезона.
Србија загуби со 84-110 и тоа само затоа што Јокиќ мораше да одмори. Во периодот додека тој беше во игра, а тоа се вкупно 30:45 минути, резултатот е 81-81 и кошаркарот на Денвер е единствен во српската репрезентација кој во статистичката категорија +/- нема негативен индекс, туку тој изнесува 0. Кога Јокиќ одмораше, преостанатите 9 минути и 15 секунди, резултатот е 29-3 за САД. Тоа е преголема разлика за репрезентација која покрај Јокиќ, има уште тројца НБА кошаркари во своите редови, а еден помина таму неколку месеци минатата сезона.
Со оглед на тоа што српската репрезентација ја има истата база од Светското првенство што се играше лани, останува нејасно дали селекторот Пешиќ премногу се потпирал на Јокиќ за време на подготовките за Олимписките игри или останатите играчи не се во ланската форма.


