Александар Петровиќ по 18-месечна пауза се враќа во Првата македонска кошаркарска лига откако летово се договори да го преземе вицешампионот Пелистер, на местото на Дарко Радуловиќ.
Последниот ангажман, искусниот стручњак го имаше во МЗТ Скопје со кого освои шампионска титула во 2022 година и избори пласман во првата АБА лига. Половина година подоцна се раздели со клубот од Аеродром, а сега повторно ќе води екипа чиј тренер бил во минатото. На две недели пред почетокот на првенството и во период кога тимот уште се комплетира, Петровиќ очекува барем еден трофеј претстојната сезона во која Пелистер ќе се натпреварува на четири фронта: домашното првенство, Купот и Суперкупот на Македонија и АБА 2 лигата.
„Моите амбиции се поклопуваат со оние на управата и верувам дека можеме да стигнеме до најмалку еден трофеј во сезоната што следи. Во формирањето на екипата настојуваме да најдеме играчи што би ја прифатиле мојата кошаркарска филозофија, играчи кои се агресивни во одбраната, кои ќе играат брза кошарка преполна со енергија.
Пред нас се подготовки кои се многу важни, верувам дека ќе влеземе во посакуваниот ритам и уште на почетокот од сезоната ќе го покажеме своето вистинско лице. Во првото коло од АБА2 на домашен терен ја пречекуваме екипата на Широки, меч што ќе биде идеална можност да се претставиме во вистинско светло и да ги потврдиме на терен амбициите што ги имаме зацртано. Повторувам, јас сум оптимист бидејќи во амбициозен и стабилен клуб во кој има простор за работа и за напредок, резултатите нема да изостанат“, вели Петровиќ.
Во однос на минатата сезона, во тимот на Пелистер сигурно остануваат Костоски и Лука Стојановски, а нови играчи се Стајиќ, Ташовски, Пандев, Бојиќ и Американецот Брајан Антоан. До почетокот на новата сезона сигурно ќе биде ангажиран уште некој кошаркар бидејќи Пелистер има уште отворени места за странци. Битолскиот клуб се уште го чека својот прв трофеј во историјата, а најблиску до него беше во Купот на Македонија чиј домаќин беше во февруари годинава.


