БиХ доживеа убедлив пораз од Чешка со 55-85, но македонската јуниорска репрезентација сепак има многу причини за задоволство бидејќи вечерва може да го потврди својот пласман во четвртфиналето од Европското првенсво во Скопје.
Услуга на нашите млади кошаркари им направи Ирска која ја изненади Украина и ја победи со 98-79 и сега двете репрезентации се со биланс 2/2. Така, во случај на триумф против Кипар (вечерва од 18:30 часот), македонската репрезентација ќе има 4/0 и дефинитивно ќе го обезбеди местото меѓу осумте најдобри на првенството.
Што е уште подобро за нас, со победа Македонија ќе се бетонира на првата позиција и оттаму ќе го чека ривалот во четвртфиналето, без разлика на исходот од дуелот против Украина затоа што во случај на ист број бодови со Чешка, нашата селекција ќе биде во предност поради победата во меѓусебниот дуел.


