Актуелниот европски шампион Шпанија ја оствари првата победа на Олимписките игри откако славеше во дуелот со Грција со 84-77.
Мечот го одбележаа резултатските пресврти бидејќи Грција подобро отвори, водеше со 20-12 во првата четвртина, за во втората, Шпанците целосно да ја преземат контролата и на голем одмор да заминат со 49-35. Највисоката предност, „фуријата“ ја достигна во третиот период и таа изнесува 16 поени (55-39), а потоа се разигра Јанис Адетокунбо.
Суперѕвездата на Милвоки Бакс буквално сам донесе пресврт и се погрижи за израмнување на резултатот на средина од последниот период (71-71), но во клучните моменти не доби помош од своите соиграчи. Шпанците направија серија од 8-0 и во неизвесниот финиш сепак дојдоа до посакуваната победа која ги остава во игра за пласман во следната фаза. Грците, пак, мораат да ја победат Австралија и да се надеваат дека ќе им се поклопат останатите резултати за да продолжат понатаму.
Санти Алдама со 19 поени и 12 скока беше најдобар шпански кошаркар, но голема помош доби од Љуљ кој постигна 13 поени и 7 асистенции, како и од Руди Фернандес кој заврши со 10 поени, но погоди две тројки во исклучително важни моменти, кога противникот се закануваше со пресврт. Функционираше и шутот на Шпанците кои реализираа 15 тројки. Во грчката репрезентација, убедливо најдобар играч беше Јанис Адетокунбо кој постигна 27 поени и 11 скока, но промаши тројка за израмнување во финишот, на три поени предност за Шпанија. Далеку зад него остана Толиопулос со 14 поени, додека останатите играчи беа едноцифрени.


