Македонската јуниорска репрезентација оствари триумф од 83-72 против Украина и со максимален ефект ја помина групната фаза од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Натпреварот немаше никакво резултатско значење, но секако беше важен за одржување на ритамот пред главниот дел од шампионатот. Македонија одлично почна, брзо направи висока предност, а на полувреме имаше дури +22 (49-27). До мала криза дојде во третиот период кога одмор добија стандардните првотимци, па Украина ја доби таа четвртина со 24-10, но во последните 10 минути работите си дојдоа на свое место и македонската репрезентација успеа да ја запише и петтата победа.
Никола Јаничиќ бешше прв стрелец во нашиот тим со 21 поен, Ќириловски додаде 20, а Луканоски оствари дабл дабл со 12 поени и 12 скока.
И пред овој натпревар беше јасно дека Македонија во четвртфиналето ќе се сретне со Португалија против која ќе ја продолжи борбата за медал и пласман во А-дивизијата.


