Иако неговиот менаџер изјави дека нема шанси повеќе да го облече дресот на Партизан, Бруно Кабокло денеска ја изненади јавноста, со изјавата по мечот меѓу Бразил и Јапонија на Олимписките игри.
Бразилскиот кошаркар не ја заврши сезоната со Партизан бидејќи на почетокот на јуни замина за САД. Некои велеа дека има семејни проблеми, други дека почнува подготовки со репрезентацијата, а трети дека брка НБА ангажман. Што и да се случило, Кабокло сега тврди дека сака пак да игра за Партизан.
„Јас го сакам Партизан и со мојот менаџер работиме на тоа да се реши проблемот. Тренерот е најдобар кој сум го имал, многу научив од него, навивачите се најдобри и Белград е прекрасно место. Би сакал да се вратам во Партизан“, изјави Кабокло.
Претседателот на клубот, Остоја Мијаиловиќ истакна дека го очекува Бразилецот за идната сезона, но навивачите не сметаат многу на него. Партизан веќе се откажа од комплетниот тим од минатата натпреварувачка кампања и направи целосна реконструкција.


