По Џејлен Гафни и Би Џеј Гринли, екипата на ТФТ обезбеди уште двајца странски кошаркари со што ја пополни квотата од четворица за новата сезона.
Во тимот останува Дејвид Хотон кој и трета година по ред ќе биде член на клубот од Тафталиџе откако потпиша договор на една сезона со можност за продолжување на уште една. Многу веројатно, тој ќе заврши кариерата во ТФТ откако претходно помина една сезона во Пелистер.
Последниот странски кошаркар во редовите на поранешниот освојувач на Купот на Македонија е американскиот крилен играч Мехи Лонг кој е нов играч на ТФТ. Станува збор за крилен играч, висок 201 сантиметар кој минатата сезона ја поминал на Универзитетот Вирџинија Тек, а претходно играл на Олд Доминион каде постигнувал по 11 поени и 8,7 скока по натпревар.
По ова, ТФТ се врти кон домашниот пазар и во следниот период ќе се обиде да донесе неколку македонски кошаркари. Сето тоа би требало да биде готово до 14 август кога почнуваат подготовките за новата сезона.


