Јуниорската репрезентација на Македонија ќе игра со Бугарија во полуфиналето од Европското првенство Б-дивизија во Скопје.
Бугарите вечерва беа подобри од Швајцарија со 84-78, но водеа и со 22 разлика во текот на мечот. Противникот се закани во финишот, дојде на -4, но не успеа да направи пресврт и ќе се бори за пласман од петтата до осмата позиција.
Пред македонската репрезентација е исклучително тешка задача, веројатно најтешка на ова првенство што е и логично ако се знае дека станува збор за полуфинале. Бугарите имаат одлична генерација, предводена од Александар Гаваљугов, еден од најдобрите играчи на овој шампионат и секако кандидат за признанието за најкорисен играч. За да дојдат до победа, нашите кошаркари ќе мораат да го повторат денешното издание против Португалија, особено во одбраната бидејќи Бугарија е најефикасна репрезентација во досегашниот дел од првенството.
Победникот од натпреварот меѓу Македонија и Бугарија не само што ќе игра во финалето, туку и ќе обезбеди пласман во А-дивизијата. Поразениот ќе има втора шанса против губитникот од втората полуфинална двојка која ја сочинуваат Полска и Австрија.


