Со седмата победа по ред, јуниорската репрезентација на Македонија обезбеди пласман во финалето од Европското првенство Б-дивизија во Скопје и утре против Полска или Австрија ќе се бори за златниот медал на ова натпреварување.
Не помалку важно, нашите млади кошаркари се пласираа во А-дивизијата каде ќе играат идната година. Во полуфиналниот меч, јуниорската репрезентација на Македонија буквално ја прегази Бугарија со 92-68 и ќе се обиде да стане прва наша селекција со злато на какво било натпреварување на ФИБА.
Како и на претходните шест натпревари, Македонија играше како во транс и во ниеден момент не дозволи победата да биде доведена во прашање. Бугарите само еднаш беа во водство и тоа со 4-2, се останато одеше на воденицата на нашиот тим. На крајот од првата четвртина беше 26-20, а на стартот од вториот квартал и 33-22 за на голем одмор да заминат со 53-38. Бугарите се обидооа да се вратат во игра во третата четвртина, се доближија на седум поени негатива (62-69), но последниот период Македонија го почна со неверојатни 20-0 за водство од 89-и 62 конечен убедлив триумф за пласман во финалето.
Колку Македонија беше доминантна на овој меч, најдобро покажува податокот дека оствари победа од 23 разлика и покрај тоа што нашите кошаркари промашија 19 слободни фрлања и погодија само четири тројки. Сепак, македонската репрезентација доминираше под кошевите, оствари 11 скока повеќе, а грешките ги сведе на минимум – само 11.
Марко Лукановски беше најдобар играч во македонската репрезентација со 20 поени и 16 скока, дабл дабл оствари и Трајанов со 16 поени и 10 скока, а Јаничиќ додаде 17 поени. Ова е прв пласман во финалето на македонска репрезентација во јуниорска конкуренција и првпат на терен обезбедено место во А-дивизијата откако во 2022 година играше во елитата поради административна одлука, односно поради суспензијата на Русија.


