У18 репрезентацијата на Македонија последните денови ја имаше поддршката на цела нација во обидот да се пласира во А-дивизијата, но вечерва доби и специјална „помош“ од делот до теренот.
Поддршка на нашите млади кошаркари им дадоа селекторот и капитенот на сениорската репрезентација Александар Јончевски и Војдан Стојановски кои со големо внимание и возбуда го проследија полуфиналниот меч од Европското првенство Б-дивизија против Бугарија. Се разбира, тука беше и претседателот на Федерацијата, Перо Антиќ со неговите соработници.

Македонија на крајот оствари убедлива победа и утре против Полска или Австрија ќе се бори за златниот медал на првенството.


