Јуниорската репрезентација на Македонија вечерва го доби противникот за финалниот меч од Европското првенство Б-дивизија во Скопје.
За да стане прва македонска селекција со злато на кое било натпреварување на ФИБА, јуниорската екипа ќе се сретне со Австрија која покажа одлична кошарка на овој шампионат. Покрај Македонија, Австрија е втората репрезентација која е непоразена во досегашниот дел од првенството со таа разлика што таа играше во група со четири селекции и досега одигра шест меча, еден помалку од нашата.
Финалниот натпревар од шампионатот се игра утре од 21:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Во мечот за бронзата и за третото место кое води во А-дивизијата ќе се сретнат Полска и Бугарија.


