У18 репрезентацијата на Македонија денеска игра финале од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Главната мисија на оваа селекција веќе е остварена, тоа е пласман во елитната конкуренција во јуниорска категорија, но денеска, 12. играчи и нивниот стручен штаб можат да влезат во историјата на македонската кошарка. Тие го бркаат првото злато на една наша селекција на ФИБА натпреварувањата, без разлика дали се работи за А или Б-дивизија.
Досега, Македонија има три медали, сите од Б-дивизијата. Две освои У20 репрезентацијата, двете сребрени, во 2006 и 2023 година. Третиот медал е бронзен, од У16 селекцијата, од 2018 година. Јуниорската репрезентација првпат е во финале, а досега најголем успех ѝ беше четвртото место од Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Струмица пред 11 години.
Најголем успех на една македонска селекција е четвртото место на кадетите од 1995 година во А-дивизија (тогаш не постоеше Б-дивизија, туку се играа квалификации), но тоа е освоено во сосема други услови.
Последна пречка на македонската јуниорска репрезентација до златото Австрија, а натпреварот се игра вечерва од 21:30 во „Борис Трајковски“. Тоа ќе биде и дуел на двете досега непоразени екипи на Европското првенство со тоа што Македонија досега одигра седум, а Австријците шест меча.


