По дуелот во првото коло од Олимписките игри против САД, селекторот на Србија, Светислав Пешиќ изјави дека Американците се посебно мотивирани кога играат против неговата репрезентација.
Тогаш многумина не го сфатија сериозно бидејќи САД играа добро и победија на сите натпревари и во подготовките, но ако сега се направи анализа на нивните резултати, излегува дека можеби Пешиќ бил во право. Очекувано, Американците го освоија првото место во својата група само што по триумфот против Србија, го намалија темпото.
Летово, репрезентацијата на САД одигра осум натпревари и победи на сите, вклучувајќи ги и петте во текот на подготовките за Олимписките игри. Два пати се сретнаа со Србија, еднаш на подготовките и еднаш во Лил и на тие два меча триумфираа најубедливо, со по 26 поени разлика.
Во Абу Даби, на 17 јули беше 105-79, а на 28 јули во Лил, повторно Американците славеа, сега со 110-84. Од останатите натапревари, само еднаш отидоа над +20 и тоа синоќа, против Порторико кого го совладаа со 104-83. Против Јужен Судан исто така играа два пати и го победија со 17, односно 1 разлика, Германија ја совладаа до 4, Австралија со 6, а Канада со 14 разлика.
Постои голема веројатност САД и Србија да се сретнат и трет пат ова лето и тоа во полуфиналето од Олимписките игри. За да се случи тоа, Американците треба да го победат Бразил, а Србите да бидат подобри од Австралија.


