Јуниорската репрезентација на Македонија го освои златниот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје откако во вечерашното финале ја совладаа Австрија со 98-88.
Со тоа, селекцијата кошаркари родени 2006/07 стана прва македонска репрезентација која освоила злато на натпреварување од ФИБА, без разлика дали се работи за А или Б дивизија. И претходно, со самиот пласман во финалето, нашиот тим обезбеди место во елитната конкуренција каде ќе игра идната година.
Вечерашното финале целосно помина во знакот на македонската репрезентација која беше во негатива само една минута. Австријците беа рамноправни во првата четвртина, пред се поради добриот шут за тројка, но во продолжение работите си дојдоа на своето место. Ефикасната игра на двете страни ѝ одеше во прилог на Македонија, но во втората четвртина нашите кошаркари ја стегнаа одбраната и на полувреме веќе имаа убедлива предност од 13 разлика (57-44).
Австрија се закани во третиот период кога се доближи на само пет поени негатива (54-59), но нашите играчи не дозволија пресврт и брзо се одлепија на двоцифрена предност која потоа не ја испуштија до последната минута од мечот. Се беше јасно на стартот од последниот квартал кога Македонија отиде на +20 (84-64).
Никола Јаничиќ одигра извонреден натпревар и со 30 поени беше најефикасен играч во нашата репрезентација, но голем придонес имаа и другите играчи во тимот: Младеновски со 14 поени, Стојковиќ со 15, Марјановиќ со 11, Лукановски со 10 поени и 7 скока, Трајанов со 8 поени и 8 скока, Ќириловски со неколку атрактивни потези итн.
Покрај Македонија и Австрија, пласман во А-дивизијата обезбеди и Бугарија која во мечот за бронзата ја победи Полска со 85-64.


