Капитенот на македонската репрезентација Никола Јаничиќ апсолутно заслужено е прогласен за МВП на Европското првенство што се одржа во Скопје.
Во текот на целиот шампионат тој беше наш најдобар кошаркар и вистински лидер на теренот, а кулминација на неговата игра беше финалето во кое постигна 30 поени, 5 скока, 4 асистенции и 4 украдени топки за индекс 31. Со тоа, Јаничиќ, кој од лани е во САД, уште еднаш потврди дека е светла иднина на македонската кошарка.

Покрај него, во идеалната петорка се најде уште еден македонски репрезентативец – Марко Луканоски, а останатите тројца се Имран Суљановиќ и Фин Шот од Австрија и Александар Гаваљугов од Бугарија.


