Јуниорската репрезентација на Македонија не само што со максимален ефект, осум победи на осум натпревари го освои златниот медал на Европското првенство Б-дивизија, туку демонстрира невидена доминација, некарактеристична за ниедна наша селекција.
Нашите млади кошаркари беа во можеби најтешката група на шампионатот, со Чешка, БиХ и Украина, но ја поминаа без никаков проблем, а потоа се прошетаа до титулата. Од осум натпревари, само против Чешка остварија победа со едноцифрена разлика (8) со тоа што не смее да се заборави дека се намачи во првото коло против Ирска кога славеше по продолжение.
За доминацијата на Македонија постои уште еден доказ: од вкупно осум натпревари и 325 одиграни минути на првенството, Македонија била во негатива само 30, односно 9% од вкупното време поминато на теренот. Најинтересно е тоа што од овие 30 минути, дури 19 минути губеше на дуелот против Ирска во мечот кој, на хартија, требаше да биде најлесен. Ирците го имаа и највисокото водство на една репрезентација против Македонија кое изнесуваше седум разлика.
На трите натпревари од нокаут фазата, кога нашите репрезентации обично паѓаат во формата, јуниорите беа во негатива вкупно 2:30 минути. Португалија ниеднаш не поведе, а Бугарија и Австрија имаа предност во почетните минути од натпреварите по што на сцена стапуваше македонската машинерија.


