Крилниот играч Марио Накиќ во новата сезона ќе го носи дресот на Партизан, објави неговиот досегашен клуб Игокеа.
Станува збор за кошаркар кој своите јуниорски денови ги помина во Реал Мадрид и со овој тим триумфираше во јуниорската Евролига во 2019 година каде беше и прогласен за МВП на завршниот турнир. Една година претходно дебитираше за првиот тим на Реал во шпанското првенство, но не остави длабока трага во најтрофејниот европски клуб.
На почетокот од кариерата, Накиќ беше нарекуван „новиот Дончиќ“, но од тие прогнози не излезе ништо за што најдобар доказ е тоа што последните две сезони ги помина во Игокеа без особено ефект. Трансферот во Партизан ќе биде можност за него да ја оживее кариерата и да ги оправда очекувањата од него.
Марио е син на поранешниот хрватски кошаркар Иво Накиќ кој шест години од својата кариера помина токму во Партизан и беше дел од овој тим при освојувањето на титулата во Купот на европските шампиони во 1992 година.
Партизан досега промовира само тројца кошаркари за новата сезона: Вања Маринковиќ, Ифе Лундберг и Франк Нтиликина, но секојдневно доаѓаат потврди за договори со други играчи. Нивната официјална промоција треба да почне од идната недела, пред почетокот на подготовките за претстојната сезона.


