По двомесечна пауза, македонските клубови се враќаат на работа пред почетокот на новата сезона.
Прв со тренинзи почнува Работнички кој утре ќе ја одржи прозивката и ќе ги стартува подготовките за кампањата во која повторно ќе игра во АБА 2 лигата. Во текот на летото, тимот од Градски парк направи целосна промена на тимот, донесе осуммина нови кошаркари, ги смени сите странци и со високи амбиции ја очекува сезона во која се надева на прекин на постот и прва шампионска титула по 2018 година. Засега се закажани два меѓународни пријателски натпревари, против Башкими на 31 август и Ираклис на 6 септември, двата во Скопје.
Нови играчи на Работнички се Дамјан Робев, Амар Хот, Оливер Двојаковски, Бојан Стојановски, Имран Полутак, Весли Персон, Михаило Јовичиќ и Његош Сикираш. Нов договор потпиша Андреј Шошкиќ, а од минатата сезона останаа уште капитенот Виктор Ефремовски и Стојан Ѓуроски. Подготовките ќе почнат во некомплетен состав бидејќи странците се очекуваат околу 20 август.
Најголем дел од останатите клубови, подготовките ќе ги почнат од идната недела. Шампионот МЗТ Скопје од 10 до 14 август ќе изврши лекарски прегледи на кошаркарите од кои дел индивидуално ќе тренираат во тој период, додека официјалниот старт на подготовките е 15 август. Вицепрвакот Пелистер со нов тренер ќе почне ден порано, на 14 август, исто како и ТФТ, околу 15 август стартува Феникс, Кожув на 20, Чаир на 25, а Вардар на 28 август.
Претстојната сезона три македонски клубови ќе учествуваат во АБА 2 лигата (МЗТ Скопје, Пелистер и Работнички), но по подолго време нема да имаме клуб во квалификациите за натпреварувањата на ФИБА.


