Иако во групната фаза на блескаше и едвај се провлече до четвртфиналето, репрезентацијата на Франција денеска ѝ одржа лекција на Канада и обезбеди пласман меѓу четирите најдобри на Олимписките игри.
„Триколорите“ славеа со 82-73 во меч во кој водеа од првата до последната минута, а дури и пропуштија шанса да го прегазат фаворизираниот противник, преполн со мега-ѕвезди. Најдоброто ова лето го сочува токму за дуелот со Канада и против Германија ќе се бори за место во големото финале.
Веќе во првата четвртина беше 19-5, а Канаѓаните не можеа да ја пробијат цврстата одбрана на противникот, па во воведните 10 минути шутираа 3/15 од игра. Краток блесок на Гилџес-Александер во вториот квартал ја доближи Канада на -10, но сето тоа кратко траеше бидејќи подоцна на одличниот Кординие му се приклучи Матијас Лесор и Франција на голем одмор замина со 45-29.
И тука Канада не се предаде, со серија од 17-6 се доближи на само осум поени негатива, но тоа не ги поколеба француските кошаркари кои беа решени да го добијат овој меч. Во последните 10 минути, северноамериканската селекција дојде и на -5, ама со серија од 5-0, Франција го одби и тој напад , а се беше јасно кога Фурние постигна тројка речиси од центар за недостижна предност за француската репрезентација.
Јабуселе со 22 и Кординие со 20 поено беа најдобри кај Франција, додека Гилџес Александер ја предводеше Канада со 27 поени. Целосно потфрли Џамал Мареј кој за безмалку 24 минути во игра постигна само 7 поени, со шут од игра 3/13.


