По јуниорското, од утре во Скопје ќе се одржува и Европското кадетско првенство Б-дивизија на кое македонската селекција до 16 години ќе се обиде да го повтори успехот на повозрасните кошаркари и да се врати во елитата од каде испадна лани, по три успешни настапи во неа.
Пред почетокот на шампионатот, ФИБА направи анализа на дел од играчите и препорача да се обрне внимание на македонскиот репрезентативец Ѓорѓи Цветковски, како еден од шестемина кои можат да блеснат. Станува збор за 16-годишен кошаркар на Феникс кој беше еден од најдобрите во македонската кадетската репрезентација и за време на подготовките.
И покрај тоа што е средношколец, Цветковски минатата сезона играше за сениорскиот тим на Феникс и запиша пет настапи во Првата македонска кошаркарска лига. Своето искуство од натпреварите во елитната македонска конкуренција треба да ги пренесе и во кадетската репрезентација и да биде еден од носителите на играта во обид за пласман во А-дивизијата. Висок е 183 сантиметри и ги покрива бековските позиции, а има и добар шут од дистанца што му беше најсилно оружје на подготовките, па на дуелот против Романија во Гевгелија погоди пет тројки.
Покрај Цветковски, ФИБА препорачува да се обрне внимание и на Ѓорѓе Ѓукановиќ од Црна Гора, Роман Авдејев од Естонија, Бруно Рандушка од Словачка, Арон Она Ембо од Белгија и Миќо Миловановиќ од БиХ.
На Европското првенство Б-дивизија кое почнува утре во Скопје, Македонија е во групата Д, со Естонија, Украина, Шведска и Австрија.


