Четири дена по големиот успех на јуниорската репрезентација и освоената титула на Европското првенство Б-дивизија, на терен излегува кадетската селекција на Македонија која, исто така во Скопје, ќе се обиде да го повтори тој успех и да се врати во елитната конкуренција од каде испадна лани.
Низ историјата, од независноста на Македонија, У16 репрезентацијата оствари најмногу успеси од сите младински селекции и најдолго се задржа во А-дивизијата. Далечната 1995 година, оваа репрезентација го оствари најголемиот успех, со освојувањето на четвртото место на Европското првенство во Португалија. На следните три настапи беше во топ-10, но во 2004 година административно беше префрлена во Б-дивизијата и таму остана до 2018 кога на шампионатот во Сараево го освои третото место и влезе во елитата. Интересно е тоа што и тогаш, како и сега, селектор беше Александар Јованчев. Во А-дивизијата, Македонија играше во 2019, 2022 и 2023 година (во 2020 и 2021 не се одржуваа европски првенства поради корона пандемијата), но лани го освои последното место и падна во понизок ранг.
Шампионатот во Скопје ќе се одржи од денеска до 17 август, а Македонија се наоѓа во групата Д, со Украина, Естонија, Шведска и Австрија.
„Поминавме одличен период на подготовки. Особено тоа се однесува на последните десет дена во кои бевме изолирани во комплексот Негорци. Тоа е период во кој одигравме четири натпревари на кои остваривме три победи и еден пораз. Сметам дека екипата покрај тактичкиот напредок во овој период изгради и тимски дух, како и позитивна енергија, што на вакви кратки турнири може да биде од големо значење.

Првата цел е да се помине групната фаза, но ќе одиме чекор по чекор. Сметам дека групата е доста квалитетна. Се работи за репрезентации кои се во самиот врв на европските првенства од Б-дивизија .
Имаме проблем со висината, практично и немаме играч на високите позиции. Ние тоа добро го знаеме од почетокот и работевме на тоа како да ја контролираме скок-играта. Имаме недостатоци, но истите може да ги надополниме само доколку имаме вистинска желба за победа“, вели селекторот Јованчев.
Прв противник на Македонија е Украина, вечерва од 18:30 часот, стандарден термин во кој нашата репрезентација ќе ги игра своите натпревари, сите во СРЦ „Кале“. Пласман во нокаут фазата обезбедуваат најдобрите две од секоја група, а во А-дивизијата ќе одат освојувачите на медали што значи дека на Македонија ѝ е потребно најмалку трето место во конечниот пласман.
СОСТАВ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА
Ѓорѓи Цветковски
Павел Ѓиновски
Дамјан Данев
Дино Беговски
Алмир Ештрефи
Григориј Ѓорѓевиќ
Кирил Петковски
Филип Сребров
Љубен Ефтимовски
Жарко Терзиевски
Дамјан Стојановски
Алексеј Нешовиќ
СЕЛЕКТОР: Александар Јованчев
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Дејан Србиновски
КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР: Филип Босилков
ФИЗИОТЕРАПЕВТ: Розета Ристоска
ДОКТОР: Марија Божиноска
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
08.08.2024 Македонија – Украина 18:30
10.08.2024 Македонија – Шведска 18:30
12.08.2024 Македонија – Естонија 18:30
13.08.2024 Македонија – Австрија 18:30


