Србија се уште го чека првото злато од големите натпреварувања од своето осамостојување во 2006 година, а само последните две лета беше на милиметри од остварување на таков успех.
Лани без Никола Јокиќ стигна до финалето од Светското првенство и таму потклекна пред Германија, а сега имаше историска можноста да ги победи САД на Олимписки игри во ситуација кога Американците беа со своите најголеми ѕвезди во составот. Двата меча беа решени во последните секунди, но на двата Србите имаа по еден трагичар.
Лани тоа беше Марко Гудуриќ кој требаше само да го комплетира големиот кам-бек на српската репрезентација и да погоди тројка од чиста позиција од аголот. Со тоа ќе го израмнеше резултатот на минута пред крајот, а потоа се можеше да се случи.
Синоќа во таква улога беше Огњен Добриќ кој шутираше 3/4 за тројка пред да промаши во момент кога беше, како што велат кошаркарите, сам како дух. Во тие моменти Србите водеа со 86-84 и имаа можност пак да отидат на +5, па иако остануваа уште повеќе од 2:30 минути до крајот, ќе имаа многу поголеми шанси за победа.


