Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје во новата сезона ќе влезе со значително изменет состав, но промени ќе претрпи и стручниот штаб.
На неколку дена пред официјалниот почеток на подготовките за претстојната натпреварувачка кампања, јасно е дека меѓу помошниците на Васко Атанасов ќе го нема досегашниот асистент Миодраг Тодоровиќ. Тој дојде во МЗТ скопје во февруари 2022 година кога за шеф на стручниот штаб беше назначен Александар Петровиќ, остана со Драган Николиќ, а потоа и со Атанасов и имаше значаен придонес во последните успеси на МЗТ Скопје, односно двете тројни круни во низа и пласманот во АБА лигата.

Во меѓувреме Тодоровиќ работеше како помошен тренер во неколку младински селекции на Македонија, меѓу кои и У20 која минатата година го освои сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје и обезбеди пласман во елитната конкуренција.
Во новата сезона, Тодоровиќ првпат ќе биде главен тренер на една екипа и ќе го води амбициозниот второлигаш Маџари, како наследник на легендарниот македонски кошаркар Перо Блажевски. За 27-годишниот стручњак, кој порано беше и активен играч, тоа ќе биде старт на нова, важна етапа во тренерската кариера. Новиот член на стручниот штаб на МЗТ Скопје, кој ќе го замени Тодоровиќ, би требало да биде познат на почетокот на подготовките.


