Репрезентацијата на Србија е освојувач на бронзениот медал на Олимписките игри во Париз.
„Орлите“ убедливо го совладаа светскиот шампион Германија, со 93-83 со што обезбедија место на подиумот. Со тоа им се одмаздија на Германците за поразот во финалето од Светското првенство минатата година,.
Србите беа решени да одат на победа, по поразот од САД за кој уште сметаат дека е незаслужен. Тоа го покажаа уште на почетокот кога поведоа со 9-3, за на крајот од првата четвртина да поведат со 30-21. Серија од 7-0 на стартот од вториот квартал ја однесе Србија на +14 (37-23), а најмногу што успеаја да се доближат Германците до крајот беше -8 во неколку наврати. Сепак, победата на српската селекција во ниеден момент не беше доведена во прашање.
Прв играч на мечот беше Никола Јокиќ кој оствари трипл дабл со 19 поени, 12 скока и 11 асистенции за индекс 36. Се истакна и Мициќ со 19 поени и Богдановиќ со 16. Франц Вагнер со 18 поени ја предводеше Германија. Ова е втор медал за Србија од олимписките игри како самостојна држава по среброто во 2016 година во Рио де Жанеиро.


