Американската кошаркарска репрезентација уште еднаш ја потврди својата моќ и доминација на Олимписките игри.
Петти пат по ред, селекцијата од земјата на кошарката ја освои титулата на најголемата спортска манифестација, а повторно тоа го направи без доживеан пораз. Во денешното финале, Американците го совладаа домаќинот Франција со 98-87 за вкупно 17. злато во историјата на олимписките игри.
Победата делува убедливо, но за неа американските кошаркари трепереа до последните минути, се додека не се „збудале“ Стеф Кари кој уште еднаш потврди дека е еден од најдобрите шутери на сите времиња. Откако Франција се доближи на -3 (79-82) на околу три минути пред крајот, суперѕвездата на Голден Стејт погоди четири тројки, две од нив од безизлезни позиции, преку рацете на противничките играчи за да предизвика восхит кај сите негови фанови и љубители на кошарката.
Претходно Франција беше во негатива, но во ниеден момент не се предаде. САД имаа и +14 во третата четвртина, но безобразно упорно, „триколорите“ се враќаа до оние -3 во финишот од мечот. За последниот чекор, сепак, немаа сили и покрај огромната поддршка од домашните фанови на трибините.
Кари го заврши натпреварот со 24 поени, сите постигнати со удари за тројка (8/12), Букер и Дурант постигнаа по 15, а Леброн оствари дабл дабл со 14 поени и 10 скока. Виктор Вембанјама ја предводеше Франција со 26 поени, а Јабуселе додаде 20, но и во третото финале на олимписките игри, „триколорите“ не успеаја да дојдат до златото.


