Тајрис Халибартон е најголемата ѕвезда на Индијана Пејсерс, минатата сезона ја заврши со просек од над 20 поени и беше најзаслужен што оваа екипа стигна до финалето на Источната конференција каде доживеа елиминација од Бостон.
Како резултат на одличните настапи, Халибартон доби повик да настапи за американската репрезентација на Олимписките игри во Париз и се очекуваше да биде значаен дел од тимот. Тоа не се случи, одигра вкупно 26 минути на целиот турнир и постигна 8 поени, 3 скока, 2 асистенции и 1 загубена топка. Неколку часа по финалето, тој на Твитер се пошегува на своја сметка поради она што го помина во Париз.
„Кога нема да придонесеш со ништо во проектот, а сепак ќе добиеш петка“, напиша Халибартон, покажувајќи го златниот медал што го освои на Олимписките игри.
Сепак, со оглед на тоа што има 24 години, кошаркарот на Индијана би требало да биде еден од носителите на играта на Светското првенство во 2026, а особено на следните Олимписки игри чии домаќини ќе бидат САД, во Лос Анџелес.


