Репрезентацијата на САД и петти пат по ред стана олимписки шампион откако ја освои титулата на Игрите во Париз.
Откако на НБА кошаркарите им беше дозволено да играат на Олимписките игри, во 1992 година, Американците само еднаш не дојдоа до трофејот и тоа во 2004 година во Атина кога доживеаја три порази и мораа да се задоволат со бронзениот медал. На вкупно девет Игри, репрезентацијата на САД освои осум злата, но во иднина би можела да се соочи со големи проблеми на оваа манифстација.
Главни играчи во Париз беа ветераните Леброн Џејмс (39 години), Стеф Кари (36) и Кевин Дурант (36). Многу веројатно тие во 2028 година, кога ќе се одржат следните Олимписки игри и тоа во САД, во Лос Анџелес, нема да бидат во националниот тим и нивното отсуство ќе треба некако да се покрие, а тоа нема да биде воопшто лесно.
Американците години наназад не произведуваат мега-ѕвезди и најдобрите играчи во НБА веќе неколку сезони се од странство: Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Јанис Адетокунбо, се очекува така да биде и со Виктор Вембанјама итн. Тука е Ембид, но и тој не е роден Американец, туку натурализиран за Олимписките игри што е уште еден доказ дека селекцијата на САД нема доволно кадар. Со оглед на тоа што другите репрезентации растат и се развиваат, а американската стагнира, па дури и оди назад, нема да биде изненадување ако во Лос Анџелес биде прекината доминацијата на САД на Олимписките игри.
И на светските првенства може да се забележи дека Американците имаат проблем бидејќи најдобрите кошаркари не настапуваат и САД во 2019 година беа седми, а лани четврти. За четири години, кога веројатно ќе се пензионираат Дурант, Кари и Леброн, изборот на кошаркари ќе биде уште помал, па Србија со Јокиќ, Франција со Вембанјама, Словенија со Дончиќ, Германија со Шрудер итн. ќе бидат сериозна закана за најуспешната светска селекција.
Од овој аспект, како можни учесници на Олимписките игри во 2028 година, може да се смета на: Бам Адебајо, Девин Букер, Ентони Дејвис, Жоел Ембид, Тајрис Халибартон, Ентони Едвардс и Џејсон Тејтум од сегашниот тим, но мора да се истакне дека Дејвис би имал 35, а Ембид 34 години, настрана што тие не се играчи што можат да бидат лидери. Можеби таа улога би ја имал Едвардс кој и сега покажа висока самодоверба, но Тејтум изјави дека ќе размисли дали повторно ќе игра за националниот тим откако беше понижен во Париз и доби минимална минутажа.
Од останатите играчи, за место во Лос Анџелес би се бореле: Паоло Банкеро, Џејлен Брансон, Чет Холмгрен, Тајрис Макси, Џејлен Браун, Донован Мичел, Џа Морант, Зајон Вилијамсон… Веројатно ќе биде вклучено и некое ново име кое во меѓувреме ќе влезе во НБА, но сето тоа е далеку од тимовите со кои досега Американците настапуваа на олимписките игри.


