И покрај тоа што пред почетокот на натпреварот против Австрија беше јасно дека нема шанси да се пласира во четвртфиналето, кадетската репрезентација на Македонија со победа ја завршија групната фаза од Европското првенство Б-дивизија во Скопје.
Нашите млади кошаркари славеа со 95-88, ама поради победата на Шведска против Естонија, ќе продолжи во борбата за пласман од 9. до 16. место. Денешниот меч го добија благодарение на големиот пресврт кој почна пред крајот на втората четвртина кога Австријците имаа предност од 11 поени разлика (42-31). До крајот на полувреме, Македонија направи 16-2 и на голем одмор замина со предност од 47-44 за во третиот период да ја достигне највисоката разлика од +18 (69-51).
Во финишот Австријците се заканија дека можат да дојдат до нов пресврт, направија 9-2 и се доближија на 86-92, но не успеаја да ја загрозат победата на нашите кошаркари.
Се се вртеше околу квартетот Цветковски-Ѓорѓевиќ-Данев-Терзиевски кој постигна 78 од вкупно 95 поени на нашата репрезентација. Најефикасен беше Цветковски со 25. За жал, Македонија и идната година ќе се натпреварува во Б-дивизијата и ќе се обиде да се врати во елитата.


