Гордон Херберт ја напушти селекторската позиција во германската репрезентација по Олимписките игри во Париз откако не доби дозвола од Кошаркарската федерација, паралелно да води и клуб.
Во иднина, тој ќе биде тренер на Баерн, но изненадува одлуката во врска со неговиот наследник. Германија е актуелен светски шампион и се очекуваше на местото на Херберт да биде ангажирано познато тренерско име. Место тоа, иако уште не е официјално потврдено, нов селектор ќе биде шпанскиот стручњак Алекс Мумбру.
Тој имаше блескава играчка кариера во која, меѓу другото, помина пет години во Реал и долго време беше стандарден шпански репрезентативец, освојувајќи притоа златни медали на Светското првенство во 2006 и Европското во 2009 година. Сепак, како тренер уште е недокажан, со само шестгодишно искуство од кои четири години во просечниот Билбао и две во Валенсија со која немаше забележителни резултати, а каде се „прослави“ со одлуката да се ослободи од Ненад Димитријевиќ за кого сметаше дека не му е потребен. Димитријевиќ потоа замина во Уникс и за две сезони доби две МВП признанија и освои една титула во ВТБ лигата.
Германската репрезентација ја има најдобрата генерација во својата историја, актуелен светски шампион е и прашање е дали стручњак како Мумбру може да го искористи нејзиниот потенцијал. Наскоро тој треба официјално да биде претставен на новата функција, а дебито се очекува да го има ноември против Шведска во квалификациите за Европското првенство во 2025 година.


