Загубата на основоположникот на македонската кошарка Лазар Лечиќ ги погоди сите љубители на спортот во земјава, но и во Грција каде тој остави длабока трага.
Го водеше Арис во најславниот период од историјата на овој клуб, кога во него играа некои од најдобрите грчки кошаркари. Први ѕвезди на тој тим беа Никос Галис и Панајотис Јанакис кои на емотивен начин се простија од својот поранешен тренер.
„Во текот на спортската кариера, има некои професионални релации кои подоцна доведуваат до зближување и пријателство. Загубата на Лазар Лечиќ е огромна за кошаркарското семејство и особено за Арис. Лазо, нека ти е светол патот, секогаш ќе те паметиме со респект и насмевка“, напиша Галис на социјалните мрежи.
Слична беше пораката и на Јанакис кој пред пет години беше во Скопје, на одбележувањето на 80. роденден на Лазар Лечиќ.
„Загубив ценет пријател и учител кој беше со мене долги години и покрај тоа што живеевме далеку еден од друг. Постојано бевме во контакт, зборувавме за се што не мачи и тој постојано беше на моја страна, искрен и полн со љубов. Ќе ми недостигаш Лазар, сакам само да продолжиш да се смееш, каде и да одиш. Нека ти е светол патот“, напиша Јанакис.


