И покрај тоа што групната фаза ја заврши со биланс од три победи и еден пораз, кадетската репрезентација на Македонија испадна од борбата за титулата на Европското првенство Б-дивизија и до крајот ќе се бори за пласман од 9. до 16. место.
Клучен беше високиот пораз од Естонија поради што нашата селекција беше најслаба во кругот од три репрезентации со ист ефект. Според прикажаното на другите три натпревари, впечаток е дека Македонија можеше да оди многу далеку, можеби и да го повтори успехот на јуниорите за што зборува и селекторот Александар Јованчев.
„Едноставно кажано, спортот е суров. Неверојатен расплет на натпреварите нė стави во позиција да не одиме понатаму. Апсолутно заслуживме да бидеме во четвртфиналето и веројатно со големи шанси да бидеме во најдобрите четири, земајќи го предвид квалитетот на групата со која што требаше да вкрстиме.
Планот за групната фаза беше исполнет со трите победи. Им честитам на играчите за она што го прикажаа до сега. Останува да ја одбраниме честа на националниот дрес и сигурен сум дека ќе дадеме се од себе да го завршиме првенството без пораз“, вели Јованчев.
Денеска на Европското првенство Б-дивизија е слободен ден, а натпреварите за пласман почнуваат од утре.


