Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Дамјан Крстевски е уште еден дел од мозаикот на Пелистер за новата сезона.
Крстевски се сели во Пелистер од ТФТ и ќе биде седми нов играч во составот на Александар Петровиќ, по Стајиќ, Ташовски, Пандев, Бошалески, Антоан и Бојиќ. Своевремено, Крстевски беше еден од најголемите таленти во македонската кошарка, почна во Работнички каде ги помина првите кошаркарски чекори и на 17 години дебитираше во првиот тим, а има и шампионска титула од 2018 година. Подоцна играше и за Вардар и Ангели, а во ТФТ ги помина претходните две сезони.
Претходната натпреварувачка кампања, 25-годишниот бек беше еден од најстандардните, одигра вкупно 43 натпревари во домашното првенство, Купот и АБА 2 лигата, а просечно постигнуваше по 5,4 поени и 4,6 скока за повеќе од 21 минута во игра. Во истите натпреварувања ќе учествува и претстојната сезона, во надеж дека со остатокот од тимот ќе му го донесе на Пелистер првиот трофеј во историјата на клубот. Во Пелистер, Крстевски ќе игра со своите поранешни соиграчи од ТФТ, Виктор Ташовски кој летово го засили вицешампионот и со Костоски, кој лани дојде меѓу „зелено-белите“.
Битолчани вчера официјално ги почнаа подготовките за новата сезона. Претходните три години Пелистер беше финалист во домашниот плејоф, а минатата стигна и до финалето на Купот на Македонија каде несреќно загуби од МЗТ Скопје. Во меѓусезоната клубот направи целосен ремонт на составот, па во тимот останаа само Александар Костоски и Лука Стојановски. До стартот на првенството, не е исклучено екипата дополнително да се засили со оглед на тоа што се празни уште две места за странски кошаркари.


