Пред стартот на подготовките за новата сезона кој е закажан за понеделник (19 август), ТФТ го комплетира тимот за сезоната 24/25.
По обновувањето на соработката со Георги Зафиров, ново име во тимот е Тома Стојаноски, доскорешен играч на Гостивар и член на младинската репрезентација на Македонија. КОШ.МК неофицијално дознава дека ТФТ е во завршни преговори со уште еден младински репрезентативец, Никола Бојчев од Еуро Никел, а на првата прозивка на екипата ќе се појави и Ненад Јовановиќ, последниот од триото младински репрезентативци кои настапија на Европското првенство во Полска.
Ненад Јовановиќ ке биде на располагање на тренерот Смилковски додека е во потрага по ангажман во странство, а на негова адреса има неколку понуди од Италија. Ако не прифати некоја од нив, претстојната сезона ќе ја помине во ТФТ. Заедничко за сите тројца е тоа што токму Смилковски им беше селектор во младинската селекција на спомнатиот Еуробаскет.
Тука ТФТ завршува со формирање на ростерот и започнува со подготовки во чии рамки екипата од Тафталиџе ќе одигра голем број натпревари и со странски клубови. Со сите активности преземени летово околу органзиацијата и играчкиот кадар, ТФТ срамежливо најавува борба за еден од трофеите во домашната кошарка.


