Кадетите на Франција ја освоија титулата на Еуробаскетот што се одржа во грчкиот град Хераклион.
Во финалето, „триколорите“ го совладаа својот голем ривал од последните години Шпанија со 82-70. Тоа е четврта титула за француската репрезентација во У16 категоријата и вкупно деветти медал на овие натпреварувања, четврти по ред откако на претходните два шампионата беше трета, а во 2019 втора. Шпанија останува убедливо најуспешна репрезентација кај кадетите со вкупно 21 медал од кои шест златни.
Камерон Уиндо со 20 поени беше најефикасен играч во финалниот меч и тој на крајот беше прогласен за МВП на Европското првенство. Бронзениот медал го освои Србија која во „малото“ финале го совлада домаќинот Грција со 74-65.


